Формирање црковна општина

Идејата за изградба на еден културно духовен Македонски центар во Гетеборг се појавува многу одамна. Бидејќи таа, поради повеќе субјективни и објективни причини, а нарочно поради недостигот на финански средства не можела да биде остварена, но по одлука на Црковната општина поткрепена од повеќе верници се минало во изградба првин само на црква оставјќи место, понатаму според можностите, да се градат и други потребни простории за активности на црковната општина.
Македонецот живеејќи и работејќи на овиe простори не сакал да ги прекине врските со својот роден крај, но сакал да ги запази својот бит и јазик, својата култура и традиција, како и својата прадедовска вера која во текот на ропството го сочувала нашиот народ од однародување. Верата и традицијата се тие, кои и овде оддалечени од својата земја ќе ни помогнат и нам на нашите деца да останеме тоа што сме и да си го запазиме својот национален идентитет. 

Покрај ова нашите луѓе имаат се поголема потреба од услугите на црквата за крштавање, венчавки, како и за други црковни потреби. Овие побуди и желби, како и развојот на нашата Афтокефална Македонска Православна Црква, во татковината иа прекуокеанските земји (Канада, САД и Австралија), го поттикна нашиот народ и овде во Гетеборг да изгради своја црковна општина и свој храм, кој ќе делува под крилото на својата Мајка-Светиклиментова Црква. Тоа се оствари со доаѓањето на митрополитот Г. Петар, кој го освети местото за градење на црквата на ден 21 ноември 1981 година. Со тоа се постави првиот темел на Македонски Храм во Европа.

И покрај финансиските потешкотии, благодарение на приличен број наши македонци, не жалејќи го својот труд и време се пристапи кон градба на Храмот, така што целосно беше изграден и достојно го дочека својот архиереј за осветување. Тој е првенецот и убавицата на нашата родна црква и со право може да се вброи како бисер во круната на Охридската архиепископија, обновена во лицето на Афтокефалната Македонска Православна Црква.

(Извадок од записот на протоереј-ставрофор Боро Станковски)